БАЊАЊЕ
Повеќето миленичиња би го избегнале бањањето, но тоа игра голема улога во здравјето на нивната кожа и крзно.
Редовното бањање го ослобува миленикот од сите нечистотии и паразити кои се закачуваат на него, спречува крзното да се плетка и мрси, го отстранува непријатниот мирис, а со тоа овозможува и на вам да ви биде попријатно во неговото присуство.
Нашиот салон нуди козметика за честа употреба, која е толку нежна што доколку сакате вашиот миленик можете да го бањате и на неколку дена.
За миленици кои се бањаат поретко, користиме и козметика за длабинско чистење која темелно ќе ги отстрани нечистотиите.
Како да го избањате вашиот миленик :
1.Темелно исчеткајте го вашиот миленик пред бањање
– заплетканото крзно само ќе ја задржи водата и шампонот внатре во тутките, а тоа ќе доведе до кожни проблеми.
Доколку не можете самостојно да ги отстраните тутките, закажете термин кај професионален грумер.
2.Користете млака вода
– поради различната температура на телото од човечката, топлата вода може лесно да изгори миленик, затоа треба да се
користи млака. Кај поголеми раси (кучиња) се препорачува и малку поладна, посебно кај оние кои лесно се прегрејуваат.
Ставите им памукчиња во ушите доколку не можете да им ги држите затворени додека ги бањате.
3.Зборувајте му на вашиот миленик со смирен и охрабрувачки глас
– така миленикот ќе разбере дека тоа не е ништо страшно
4.Користете кучешки/мачешки шампон
– немаме иста Ph вредност, човечките шампони им ја сушат кожата. Масирајте полека и темелно со шампонот, внимавајте
да не влегува директно во очите.
5.Исплакнете темелно
– секој остаток од шампон може да предизвика иритрација на кожата
6.Исушете го миленикот
– кај долгодлаки кучиња/мачиња е многу важно паралелно додека сушите да го четкате крзното. Така ќе го расчеткате темелно и ќе спречите да се создаваат тутки. Внимавајте на температурата на фенот за да не го изгорите миленикот.
7. Наградете го вашиот миленик
– после бањање наградете го вашиот миленик со галење, играње, зборувајте му колку е убав – тие чувствуваат кога
и вие сте задоволни од неговиот изглед


